СДСМ објави сметки и фактури за направени трошоци во ресторани и угостителски објекти од страна на актуелниот премиер Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од времето кога биле на позициите директор на Електрани на Северна Македонија и директор за финансии во ЕСМ. Сметките кои ги објави опозициската партија се од крајот на 2016 и почетокот на 2017 година.
„Првата фискална сметка е од ресторан во Белград, соседна Србија, вредна околу 100 евра, потпишана од Кочоска и Мицкоски. Што се јадело и пиело на сметка на народот – Џони вокер – блек, дуњовача, поховани јагнешки шницли, зелка салата, ќебапи, крвав бифтек, чоколадно суфле, крем пита, вино потпишани Кочоска и Мицкоски во кафеана во Белград“ – вели организацискиот секретар на СДСМ – Мартин Костовски.
Опозицијата објави и фактура за кетеринг-услуги во вредност од 110 илјади денари од ресторан во Скопје, фактура од 10.500 денари на сметка на ЕСМ од познат ресторан во Скопје, како и четири фактури од ресторан во Брвеница во вредност од 38.000 денари, 21.270 денари, 8.500 денари и 9.200 денари.
„Истата Кочоска која заедно со Мицкоски не дава да се покачи минималната плата, им кажува на граѓаните и работниците каков грашок да јадат, дали треба цреши и грозје да си купат. Гозби, ручеци, кетеринзи. Како да не знаеле да сопрат од кафани и ресторани. Ова е расипничко трошење на парите на граѓаните и аздисано однесување. Лажните домаќини и моралисти ги фрлале парите на народот по кафеани и ресторани. Ако како први луѓе на ЕЛЕМ вака аздисувале, можеме само да претпоставиме што се случува сега“ – вели Костовски.
Оттаму повикаа на разрешување на Гордана Димитриеска-Кочоска од Министерството за финансии, обвинувајќи ја дека нема морал и совест зашто, како што велат, не смее да им кажува на граѓаните дека во Буџетот нема пари за минимална плата ниту да им кажува што може, а што не може да јадат.