„Никола Груевски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со денешната отворена, фарсична владина седница, со нарачани прашања и одговори, се обидува да се извлече од гневот на граѓаните. Зарем Груевски, кој е прочитан како буквар, навистина мисли дека ќе помине неговиот ефтин трик за продавање “политики на отвореност кон граѓаните?“ – реагира СДСМ на денешната владина седница која се пренесува на Собранискиот канал на МТВ.
СДСМ го потсетува Груевски на неговите политики со кои сметаат дека се загрозува иднината на државата.
„За кои политика се отвора Груевски, за тие со кои власта зад затворени врати кова образовни стеги? Којашто стави клуч на врата за студентите, не го слушнаа громогласното НЕ на 10.000 студенти и ставот на над 20 факултети и институти за т.н. државен испит? На власта, којашто безмилосно ги стави рацете во џебовите на хонорарците, да граба по 34 проценти од заработувачката на луѓето, за да ја полни дупката на ПИОМ од 22 милијарди денари? На таа власт што од 1 јануари сака да ги држи хонорарците на егзистенцијално ниво од 100 евра месечно, колку вечерата во Германија на нивниот пратеник Николовски?“ – стои во соопштението на СДСМ.
Од таму како лоша политика ги потенцираат новата фискализација од први јануари, неоткупениот тутун од пет милиони килограми, нефункционалниот проект во здравството „Мој термин“.
Во една реченица, СДСМ оценува дека на отворената седница министрите цел ден се мачат во киното, узурпирајки го третиот канал на Јавниот сервис МРТВ за да го задоволат хирот на нивниот шеф Груевски.
Инаку, на владината седница министрите најавуваат нови вработувања во АРМ, нови странски инвестиции, нови мерки за подобрување на економската состојба…