Поранешната раководителка на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска која неодамна беше разрешена и замина во пензија вели дека од денешна перспектива нејзиното разрешување го „спакувало“ СДСМ, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
Тврди дека почнало уште кога биле отворени предмети за поранешните генерални секретари во Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири, а кулминираше со претресот што беше извршен во канцеларијата на поранешниот директор на Финансиска полиција, Арафат Муареми.
Таа во гостување на поткастот „Претрес“ зборуваше и за случајот „27 април“ и се уште е на ставот дека делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ е точното дело за кое требало да се гонат осудените за овој случај.
На прашањето колку пати се слушнала со поранешниот премиер Зоран Заев кажа дека е сигурна дека Заев пред да биде донесен законот за амнестија со кој се ослободија дел од обвинетите, ја замолил да го преквалификува делото во поблаго кривично дело поради уставните измени, но таа го одбила.