Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети како членство во НАТО и Европската Унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции, соопшти СДСМ.
Програмата за работа на Владата во целост ја отсликува посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на правосудството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери.
Сите коалициски партнери се согласни посветено да продолжат на реализацијата на Договорите со Република Грција и Република Бугарија кои донесоа влез во НАТО и одлука за почеток на преговорите со ЕУ, како и на Охридскиот рамковен договор кој е темелот на заедничкото живеење во мир.
Имајќи го предвид периодот во кој се наоѓаме и состојбата со ковид-19, новата влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство за да имаме уште повеќе подготвени капацитети и мотивиран кадар кои ќе се борат против коронавирусот.
Како еден од столбовите е и борбата против загадувањето и решавањето на овој децениски проблем преку суштински политики и инклузивен процес на мобилизација на сите расположливи капацитети.
Ова се принципите и вредностите од кои ќе се води новата Влада, кои ќе ги спроведуваат одговорни, професионални и отчетни кадри, со конкретна мисија и цели, кои ќе имаат задача да работат исклучително и исклучиво за граѓаните и исклучиво на европската трансформација на земјата, соопшти СДСМ.