Владејачката СДСМ вели дека македонскиот јазик е признаен и го повика потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, да не шири лажни вести.
-Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од ширење лажни вести и конструирање неспостоечки случаи, иако претходно нивните лаги ги демантираа и Европската Унија и Обединетите нации. Истиот Николоски јавно тврдеше дека ООН лошо ги оценила владините мерки за справување со кризата, за потоа да стигне реакција од ООН во која беше наведено дека организацијата воопшто не ни дискутирала за мерките во Северна Македонија, а не пак да дала некаква оценка, реагираат од СДСМ.
СДСМ вели дека истото се случи и со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека Бугарија го проблематизира почетокот на преговори на нашата држава со Европската Унија, за потоа да стигне демант од ЕУ дека едностраната изјава на Бугарија не ги менува заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ за отворање на преговорите, поддржани и од Европскиот совет.
-За разлика од лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ преку одговорни и сериозни политики обезбеди сигурна и стабилна иднина со загарантиран и признаен идентитет. Македонскиот јазик е признаен и потврден и со договорот од Преспа, тоа е влезено во личната карта на нашата држава во Обединтетите нации, македонскиот јазик е во употреба во повеќе меѓународни организации, вклучително и ЕУ“, велат од СДСМ.