СДСМ: Македонија се помирува и обединува, 80 херои по сопствено убедување гласаа за ЕУ и НАТО

by Фокус

Собранието донесе историска одлука со која Македонија избра иднина наместо изолација, соопшти денеска владејачкиот СДСМ, откако вчера 80 пратеници гласаа за почнување на постапка за измена на Уставот.

„Патот кон НАТО и ЕУ е чист, а за тоа најголема заслуга имаат граѓаните, но и 80-те пратеници во Собранието кои низ демократска постапка им кажаа стоп на поделбите и ја поведоа Македонија кон национално обединување. Мицкоски, Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ синоќа уште еднаш потврдија дека се антизападни и антимакедонски партиски фигури кои на Македонија и носат само зло, криминал и сиромаштија. Граѓаните и огромното мнозинство во парламентот му свртеа грб на злото предводено од Мицкоски. Македонија одбра да продолжи по патот на интеграција и сојузништво. 80 пратеници слободно и по сопствено убедување гласаа за иднина во ЕУ и НАТО“, стои во партиското соопштение.

Социјалдемократите велат дека сега се создадени услови за уште поголема поддршка во Собранието за спроведување на договорот од Преспа и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ, што, според нив, подразбира економски просперитет, европски правила и национално помирување.

„Надлежните институции имаат обврска да ги заштитат пратениците од сите закани и притисоци кои ги прават Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.  Граѓаните го препознаат и поздравуваат овој историскиот чекор на 80-те пратеници што обезбедува помирување и национално обединување околу врвните државни интереси. Македонија се помирува, Македонија се обединува надпартиски и надетнички, 80 херои ја презедоа одговорноста за овој неповратен историски исчекор за иднината на земјата. Време е сите да се приклучат“, повикаа од партијата на Зоран Заев.

Поврзани новости