ВМРО-ДПМНЕ и по скоро две години од вториот мандат, не ги исполни основните дадени ветувања кон граѓаните на Крива Паланка. Граѓаните сеуште ја чекаат изградбата на системот Станечка Река и ставањето во функција на фабриката за вода, изградбата на водоснабдителен систем за висока зона – Лев брег и населба Лозаново Десен брег, кое што власта на Никола Груевски го вети пред локалните избори. Со вакви обвинувања на сметка на владејачката партија денеска излегоа од опозициската СДСМ.
– Во с. Луке жителите се уште го очекуваат ветениот водовод. Не е исполнето ниту ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за водовод во населените места Дрење и Б’с, но затоа пак сите заедно имаме покачени сметки за вода од 17 на 25 денари по м3. Жителите на месноста Бојанов Дол се уште ја чекаат ветената фекална канализација уште од првиот мандат. Неостварените ветувања на оваа власт ги оставија граѓаните од населените места во Крива Паланка без пристап до чиста вода за пиење и без канализација, во 21 век – истакна Борјанчо Мицевски, претседател на ОО СДСМ Крива Паланка.
Тој ги наброи сите проекти кои ги ветила локалната власт, а не ги остварила.
– Ја нема ниту ветената спортска сала за учениците во ОУ Јоаким Крчоски, реконструкцијата на детската градинка Детелинка. Нема ништо ниту од атлетската патека, доопремувањето и изградбата на трибините на градскиот стадион во Крива Паланка кои ги ветуваше ВМРО-ДПМНЕ. Едно големо ништо и од ветената трим патека од Мотел “Македонија” до манастирот Св. Јоаким Осоговски. Власта на Груевски потроши огромни суми народни пари за споменици, барок и бронза за „Скопје 2014“, а овде во Крива Паланка граѓаните ги немаат основните потреби за достоинствен и нормален живот – тврди Мицевски.
Според него, тоа е доказ дека на ВМРО-ДПМНЕ поважни им се бизнис интересите на врвот на власта, отколку решавање на проблемите на граѓаните.