СДСМ ќе објави ревидирана изборна програма: Добри плати и минимална пензија

by Фокус
Пандемијата што ја зафати нашата земјата и светот повикува на ревидирање на предизборната програмата и ние тоа го правиме, вели Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ. Тој на Телма изјави дека партијата планира да ја објави ревидираната програма на почетокот на кампањата.
-Ја следиме структурата на нашата економија и начините на кои таа е поврзана со другите економии преку извозот, преработувачката индустрија, производството и другите сектори. Кризата ја гледаме и како можност којашто треба да ја искористиме за да изградиме нова развојна македонска економија базирана на технолошки развој и поддржана од човечкиот фактор како најважен ресурс којшто го поседува нашата земја – истакна Битиќи.
Тој додаде дека СДСМ нуди издржана програма и мерки со чија реализација, според него, до крајот на годината ќе започне процесот на целосно заздравување на економијата.
-Клучниот момент во нашата програма ќе биде поддршката на граѓаните. Креираме нови работни места кои ќе бидат добро платени бидејќи секој граѓанин заслужува подобри примања и подобар животен стандард исто така овозможуваме сериозна поддршка за младите и отворање на нови можности за нивен личен развој и напредок. За пензионерите планираме да го реализираме тоа што сме го ветиле, дефинирање на минимална пензија – посочи Битиќи.

Поврзани новости