СДСМ ќе ги ажурира членовите – оваа година тие ќе го бираат претседателот на партијата

by fokus

СДСМ започнува постапка за ажурирање на членството и активна регистрација на секој член, согласно точно одредена процедура и рокови за реализација на постапката која ќе трае до 25 февруари, објави генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски.

-Ажурирањето на членството и активната регистрација се составен дел на новиот исчекор кон поголема внатрепартиска демократија. Како што веќе најавивме, оваа година претседател на СДСМ ќе бираат членовите, на непосредни внатрепартиски избори. Тоа за прв пат се случува во нашата татковина и тоа го прави СДСМ, на што сме особено горди. Се надевам овој чекор на СДСМ ќе инспирира и други партии во земјава да не следат, да се реформираат и реорганизираат. Тоа е здраво за државата. Колку поголема демократија толку подобро. Повеќе праведност, правичност, посилен напредок, рече Николовски.

Како што објасни Николовски, постапката во СДСМ започнува денеска од најмалите организациони единици на партијата, месните одбори. Понатаму постапката продолжува во комисиите на општинските организации па се до највисоките партиски органи и до Централниот одбор.

-Активната регистрација, ќе може да се реализира и преку самостојно онлајн пријавување, во електронска форма. Ваквиот, современ, транспарентен процес ќе го заокружиме со издавање на нови, модерни електронски членски картички, персонализирани за секој член на партијата. Досегашните хартиени ќе ги замениме со нови, дигитални, додаде Николовски.

Поврзани новости