СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски за договори со трговците кои доведоа до драстичен пораст на цените во маркетите, посебно во контекст на мерката „новогодишна кошничка“. Според СДСМ, оваа мерка е само пропагандна алатак која служела за прикривање на вистинската шема која тој ја договорил со трговците.
„Мицкоски ги остави трговците намерно да ги качуваат цените со месеци пред да ја воведе мерката, создавајќи дополнителен товар за граѓаните. Ова не е случајност, туку свесен план кој тој го спроведе во договор со своите бизнис партнери,“ се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата истакнува дека предлогот за укинување на ДДВ на храна, кој беше понуден од СДСМ како реална мерка за намалување на цените, беше одбиен од страна на Владата. Наместо тоа, се имплементираа мерки кои, според СДСМ, се базирани на пропаганда и манипулации.
„Денес е јасно дека граѓаните плаќаат цената на неговите договори со трговците. Ова е огромна кражба од џебот на народот, за која Мицкоски мора политички да одговара,“ потенцира СДСМ.
Во соопштението се поставува и прашањето дали Мицкоски ќе побара одговорност од министрите во неговата влада, кои пред само неколку дена уверуваа дека цените се под контрола. СДСМ смета дека доцнењето и префрлањето вина на други нема да го спаси Мицкоски од одговорност.