По речиси две децении без попис, во државата има недостиг од квалитетни статистички податоци, кои се клучни за градење на стратегии и политики и за натамошен сигурен и предвидлив развој на државата, велат од СДСМ.
„Токму затоа кај секоја политичка партија, кај секој граѓанин треба да преовладее разумот, да ги поддржат процесите, со кои се добиваат точни и целосни податоци за структурата на населението и домаќинствата и да се спроведе попис без мешање на политиката.
Со пописот како независна статистичка операција, организирана согласно меѓународните стандарди, ќе се соберат релевантни географски, демографски, економски, образовни, етничко-културолошки, миграциони и други суштински податоци.
Преку пописот ќе добиеме целосни и детални информации во однос на тоа каква е образованата структура на населението, просечната возраст на граѓаните, населеноста на регионите и општините.
Ќе добиеме јасна претстава за структурата на постоечките индустриски капацитети, но и податоци за потенцијалите за иден развој на општините.
Државниот завод за статистика ги има сите капацитети и е подготвен да одржи попис согласно стандардите на Обединетите Нации и на Евростат.
Законското решение гарантира дека пописот ќе се спроведе исклучиво како статистичка операција која никогаш повеќе нема да се третира како политичко прашање.
Пописот ќе се одржи напролет, во интерес на граѓаните и напредокот на државата“, додаваат од опозицијата.