Директен удар врз малите и микро претпријатија се измените што ги прави власта на Законот за ДДВ, изјави денеска Васко Ковачевски претседателот на битолскиот огранок на СДСМ.
– Со овие измени, даночни обврзници стануваат и малите дуќанчиња, за храна, текстил, берберници,автоперални, вулканизери. Тие што едвај успеваат да се одржат во живот и да обезбедат една до две плати. Целта е јасна. Буџетот е празен, мора да се полни. Ако претходно даночни обврзници беа фирми со промет над 2.000.000 денари, сега данок ќе плаќаат и фирмите со промет под досегашниот лимит. Потегот е немилосрден. Ова значи дека власта ќе зема од егзистенцијата на најчувствителната категорија стопански субјекти, малите фирми, фирми – човек! Таму каде што не станува збор за профити, туку за преживување. Каде во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ стои дека власта на Груевски ќе спроведе вакво решение и ќе воведува данок и за малите фирми? Како, со ваквиот закон, малите и микро претпријатија ќе бидат во можност да опстанат, а не пак да размислуваат за проширување на своите дејности и отворање нови работни места?Или е важно само бизнисите на фамилијата да функционираат во оваа држава? – праша денеска Ковачевски.
Според него, измените на Законот за ДДВ се уште едно, во низата изненадувања за граѓаните, по зголемената цена на електричната енергија, покачувањата на повеќе основни прехрамбени производи, воведените даноци за хонорарните работници, поскапувањата на патарините, регистрациите на возилата.
– Дојде моментот да се плати цехот за расипничкиот начин на 8-годишното владеење на Груевски. За жал, на сметка на стопанството и на семејните буџети на граѓаните.