СДСМ: Јаулески живее во стан кој го плаќа Собранието, а зема и патни трошоци

by fokus

Пратеникот Јован Јаулески не живее во станот каде што се вршел претрес од Финансиската полиција, лагата на ВМРО-ДПМНЕ значи заштита на криминал, велат од СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ уште рано утрово пласираат невистини, оркестрирано ја лажат јавноста во врска со отворената предистрага од страна на Финансиската полиција. Пратеникот Јован Јаулески излажа дека во неговиот дом Финансиската полиција вршела претрес. Како што јавно објави Финансиска полиција, претресот бил направен во стан на неговиот татко каде Јован Јаулески воопшто не живее. Во меѓувреме во медиумите се појавија документи кои покажуваат на која адреса живее Јован Јаулески, односно стан кој го плаќа Собранието, за којшто граѓаните плаќаат 330 евра месечно. Згора на се, Јаулески зема и патни трошоци“, велат од СДСМ.

Претходно и управата за финансиска полиција информираше дека не вршеле претрес во домот на пратеникот, туку кај неговиот татко.

-Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје. Ве молиме Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели, заклучуваат од Управата.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески објави дека рано утрово во домот на неговите родители влегле припадници на финансиската полиција и извршиле претрес. Тој за настанот информира на неговиот фејсбук профил каде напиша „од 5:30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција!“.

Поврзани новости