СДСМ во целост се оградува од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори. СДСМ води искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори.
Ова е реакцијата од владејачката партија, откако претпладнево опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција обвини дека припадници на полицијата блиски до СДСМ организирале следење и малтретирање на членови на ВМВРО-ДПМНЕ во Прилеп и притоа објави делови од комуникација во вибер група.
-Тоа време заврши пред четири години, тоа е времето на МВРО-ВМРО од кое граѓаните денес се заштитени и преку институциите и преку севкупниот демократски амбиент. Граѓаните од 2016 година наваму гласаат слободно, а сите четири изборни циклуси од тогаш наваму, како и референдумот, се потврдени како целосно слободни, фер и демократски. Во пресрет на вториот круг се засилува Центарот за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на 31 октомври масовно ќе излезат на гласање и со демократски методи ќе спречат враќање на режимот и злоупотреба на институциите во партиски цели, велат од СДСМ во денешното соопштение.
Од СДСМ бараат институциите итно да постапат и да го расчистат овој случај, „и овој куп лаги на ДПМНЕ да распука како меур од сапуница“.
-Јавноста треба да знае дали било која институција креирала таква група и дали наводните дејствија презентирани на прес-конференција било кога реално се случиле, велат од СДСМ.