По 35-те објавени кандидати за градоначалници, СДСМ ќе донесе одлуки и за кандидати за уште 35, меѓу кои се големи градови како Куманово, Струмица, Охрид, Битолa, a во десетина општини нема да има кандидати и ќе ги поддржи предлозите на партнерите во коалицијата, истакна лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
-Граѓаните се свесни за сите наши слабости, но и за сите наши предности и ќе направат сериозна компарација со останатите кандидати од сите други понуди. Целосно сум растеретен за одлуката на граѓаните, но верувам во победата и дека кормилото треба да остане кај СДСМ заради сите наши досегашни политики. Во победата верувам заради најдобрите кандидати, најшироката коалиција, најдобрите програми и зашто водиме на анкетите – рече Заев на Сител.
Тој не гледа закана во најавеното коалицирање меѓу Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, но, како што нагласува, нивните поддржувачи нема да гласаат за другата партија.
-Кој како сака нека влезе во коалиција, ние сме одговорни пред граѓаните и тие не оценуваат по одлуките што ги носиме. Но политиките што се етноцентристички и се контра нашето мултиетничко општество и зборат за чиста Македонија е првата причина за која око не ми трепнува дали некој ќе влезе во некоја коалиција. Тврдам дека поддржувачите на Алијанса нема да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, ниту поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за Алијанса – изјави Заев.