СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија се препукуваат за законот за отпишување камати

by fokus

Владејачката и опозициската партија преку соопштенија се препукуваат за тоа чив е поднесениот закон за отпишување камати.

Од опозициската партија утрово испратија соопштение во кое велат дека тие го поднеле законот.

„Законот за отпишување на камати за наплати на долгови кои произлегуваат од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории и одводнување на земјиште, кој вчера беше усвоен во Собранието на Република Македонија е предлог на опозицијата во корист на граѓаните. Добро е што СДСМ собра храброст да поддржи мерка со која ќе се влијае на стандардот на граѓаните кои ги трпат последиците од неспособноста и неодговорноста на расипничката власт“, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак, одговараат дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години немала донесено закон за отпишување камати и дека ниту сега нема пратеник од опозицијата кој го потпишал законот.

„Останува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години ниту предложи ниту изгласа ваков закон за да им помогне на граѓаните. За жал ниту во поднесувањето на сегашниот Закон не е потпишан пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Поддршката и потписот од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ е за поздравување. Очекуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат оваа декларативна поддршка за Законот за отпис на каматите со гласање во Собранието на Република Македонија. Тоа е во интерес на сите граѓани“, стои во соопштението на владејачката партија.

Поврзани новости