Коалицијата на СДСМ и ДУИ, која изминатите седум години не бираше средства и начин да ја понижи и засрами Македонија и да се себебогати на грбот на граѓаните има најмалку кредибилитет да зборуваат за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за критиките на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека последното гласање за резолуциите за Украина во Обединетите нации покажало оти македонската надворешна политика е без компас и одлучува без надворешно политички приоритети.
Мицкоски потсети на обвинувањата од опозицијата дека се анти-НАТО и анти-Америка, односно дека се проруски, а сега, како што рече, им пречи што имаат исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.
– И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска Влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации, рече Мицкоски.
Тој им порача на СДСМ дека ако наскоро не се разбудат од сонот дека се во опозиција, уште долго ќе останат таму.