СДСМ и ДУИ работат на составување на владината програма и поделба на ресорите

by fokus

Генерални секретари на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Демократската унија за интеграција викендов ги продолжуваат интензивните консултации и работата на постигнување коалициски договор меѓу Коалицијата „Можеме”, предводена од СДСМ и ДУИ за формирање нова влада со четиригодишен мандат.

Двете партии информираа  дека по утврдувањето на коалициските принципи и определби, преговарачките екипи работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог програма за работа на евентуалната идна Влада.

Започна и процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на „предлозите за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат“, соопштија СДСМ и ДУИ.

Двете партии потенцираат дека единствени точни информации околу консултациите се оние добиени од официјалните партиски лица вклучени во преговорите.

Консултациите меѓу двете партии, започнаа откако во четвртокот шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Разговорите меѓу двете партии почнаа во четвртокот попладне, по врачувањето на мандатот, со тричасовна средба Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, која во заедничко соопштение беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.

 

Поврзани новости