СДСМ и ДУИ остануваат на ставот за избори на 5 јули, ВМРО-ДПМНЕ сака да го чека крајот на пандемијата

by Fokus

За да се запазат роковите треба да се одржат парламентарни избори на 5-ти јули, повтори синоќа техничкиот премиер Оливер Спасовски, а со истиот став е вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, смета дека избори треба да има дури откако ќе се стави крај на епидемијата со коронавирусот.

– Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5-ти јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо, истакна Спасовски.

Според него, комуникација може да има во секое време само партиите да најдат прифатлив датум. Тој нагласи дека и 21 јуни беше можен датум за избори, но ситуацијата налагала продолжување на вонредната состојба, додавајќи дека смета оти согласно условите нема потреба од нова вонредна состојба.

Тој напомена дека државата е нефункционална и дека изборите се решение за да можат институциите да ги исполнуваат обврските во целосен капацитет.

– Што ќе ни се случува по месец, два, три. Дали нема да има нови заразени? Ова нема да заврши преку ноќ, а ние мораме да ги комплетираме институциите. Ако имавме полн политички мандат со функционален парламент ќе беше поинаку, ќе функционираше државата. Затоа сега, според протоколите за заштита, ќе направиме се да имаме безбедни избори. Ако носиме маска во маркет, во ресторан, тогаш зошто да не носиме и на гласачките места, потенцира Спасовски, кој воедно е и потпретседател на СДСМ.

Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за дијалог и откако успешно ќе заврши пандемијата може да се зборува за поконкретни датуми и чекори за избори.

– Доколку од оваа призма како човек, како граѓанин барате одговор од мене, одговорот би бил: Ве молам дајте да се обидеме да спасиме што повеќе човечки животи и да работиме со нашите граѓани на протоколи, на мерки, да ги заштитиме од потенцијалната инфекција на овој вирус. Ајде прво тоа да го завршиме, бидејќи гледаме дека три месеци поминаа зад нас фрлени во ветер, ајде прво тоа да го завршиме а потоа во првиот слободен термин да ги организираме тие избори. Тоа да се случи откако ќе се избориме конечно со оваа пандемија, рече Мицкоски.

Околу тоа, што ќе прави неговата партија ако СДСМ и ДУИ се одлучат за избори на 5 јули, Мицкоски рече „секоја чест ако тие решат да одат на избори кога броиме десетици заболени и неколкумина починати дневно и оти нема што да додаде ниту да одземе на тоа прашање“.

Тој потврди дека до имало меѓупартиска комуникација за договор за датум за парламентарните избори, но оти таа прекинала по зголемувањето на бројот на заболените од Ковид-19 во земјата, во петокот.

Османи смета дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на предвремените парламентарни избори, посочувајќи дека такви се роковите и законски и логични.

Тој истакна дека последната воведена двонеделна вонредна состојба им помогнала како Влада да работат помалку под притисок на роковите и да се фокусираат на здравствената состојба во овој период, а во меѓувреме да продолжат да разговараат со политичките партии.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека ќе контактира со македонските власти за гаранции дека има доволно време за изборна кампања и дека изборите ќе бидат фер.

 

Поврзани новости