Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, Илија Димовски денеска ја прекина расправата по точката за избор на главен државен ревизор, бидејќи предлогот не доби мнозинство гласови.
Пратеникот Мухамед Зеќири го предложи Адем Цури за државен ревизор и за него гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата. Пратеникот Ејуп Алими, пак го предложи Насер Адеми којшто ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор.
Во образложението за предлогот за Адеми пратеникот Алими рече дека додека тој бил на раководно место во Државниот завод за ревизија имало позитивни оценки за работата на институцијата. Зеќири на тоа реплицираше дека не ја оспорува работата на Адеми, меѓутоа, како што рече, тој е 18 години на раководно место во институцијата и оти неговата кандидатура не е во согласност со барањата на ЕУ.
По гласањето Димовски ја прекина расправата за оваа точка и ги повика политичките партии да изнајдат начин да се договорат за изборот на државниот ревизор.
Државниот завод за ревизија е речиси две години е без главен ревизор, а мандатот на вршителот на должноста истече на 5 октомври.