СДСМ и БЕСА формираат предизборна коалиција: Заев со Касами ќе истрча во „шестката“ против Ахмети и Села

by Фокус

СДСМ и БЕСА денеска на пладне во Музејот на современа уметност ќе го официјализираат предизборниот договор за заедничко учество на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Како ни изјавија од двете партии, денеска ќе биде соопштена одлуката за заеднички изборен настап, што всушност претставува прва предизборна коалиција меѓу, условно кажано, македонска и албанска партија.

Од таму посочуваат дека не е постигната само начелна согласност, туку целосен договор, меѓутоа, како што велат, во оваа фаза не сакаат да обелоденат детали за да не наштетат на преговорите што ги водат за соработка и со други партии.

Сепак, висок партиски функционер за Фокус вели дека дефинитивно е договорено лидерот на БЕСА да ја предводи коалициската пратеничка листа во шестата тетовско-гостиварска единица, каде тој ќе се соочи со лидерите на ДУИ и АА, Али Ахмети и Зијадин Села.

Според нашите информации, во моментов нема реални шанси кон оваа коалицијата на чело со СДСМ да се приклучи и ДПА на Мендух Тачи, кој најверојатно на изборите ќе настапи во сојуз на НДП на Весел Мемеди.

В.С.

Поврзани новости