Никола Груевски полека сфаќа дека неговото останување уште некој месец во Владата ништо нема да смени зашто „царот е гол“ и тоа е јасно за целата јавност, се вели во соопштението на СДСМ. Од партијата посочува дека Груевски се занимава со работите на СДСМ за да не ги објаснува своите постапки пред членството.
„Груевски има потеба да се занимава со лаги за седницата на Централниот одбор на СДСМ за да не им објасни на своите од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ зошто ги превесла кога само пред 10 дена ги натера да соопштат дека тој нема да даде оставка, ниту министерства, а со договорот во Пржино, сето тоа стана реалност,стои во соопштението.
Од СДСМ потсетуваат дека во официјално соопштение партијата веќе информираше дека Централниот одбор на СДСМ едногласно го поздрави постигнатиот договор за надминување на политичката криза во Република Македонија.
СДСМ го потсетува премиерот Никола Груевски дека пред една деценија на граѓаните им вети „економски бум“, и дека сега земјата е во најголемата беда и сиромаштија од нејзината независност.
„Со право Груевски е исплашен од економската програма на СДСМ и тимот експерти кои и се познати на јавноста и работат на нејзино допoлнување. СДСМ им вети на граѓаните дека ќе ја врати средната класа во Македонија, а Никола Груевски и неговите соработници ќе мора да им ги вратат украдените пари на граѓаните, стои на крајот на соопштението.