Додека сите граѓани очекуваа договор во интерес на правната држава, Христијан Мицкоски на вчершаната лидерска средба безобразно и во груевистички стил го бранеше криминалот на режимот, барајќи сите предмети од СЈО да ја изгубат својата иднина, соопштија утрово од СДСМ откако пропаднаа синоќешните преговори за постигнување на договор за закон за обвинителство.
„Тимот на СДСМ предводен од претседателот Заев им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција за сите нови случаи за да се гарантира правната држава, но нив тоа не ги интересираше бидејќи бараа единствено бегство од законот за сите обвинети од нивната режимска структура. Предлогот беше прв човек на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа ВМРО-ДПМНЕ го одби“, велат од СДСМ
Од таму додаваа дека Никола Груевски прво го избрал Мицкоски на чело на ДПМНЕ за да го штити, а сега, истакнуваат од владејачката партија, од Будимпешта нарачува и подобен обвинител.
„Повеќе од две години како опозициска партија и 11 години претходно како режимска власт, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата штета за Северна Македонија на патот до правда и до Европската унија“, порачаа социјалдемократите.