Нова афера со сомнителни јавни набавки со цени над реалните ги тресе градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, обвини СДСМ.
„Според јавно достапни податоци, општина Битола набавила машина за бележење хоризонтална сигнализација за речиси 50.000 евра, иако вакви машини може да се најдат и за 2-3 илјади евра, па дури и помалку. Станува збор за разлика од 47.000 евра“, се вели во партиското соопштение од СДСМ.
Иста таква машина, додаваат од таму, набавила и општина Велес по астрономска сума од 42.000 евра.
„Разлика од речиси 40.000 евра. Прашањето е во чии џебови завршила разликата? Особено имајќи предвид дека општина Илинден набавила иста таква машина по три пати помала цена од оние во Велес и Битола. Ако е ова шема за испумпување народни пари преку општините водени од ДПМНЕ мора да има одговорност“, велат од партијата.