СДСМ ги дуплирал приходите, собрал над илјада донации и зел нов кредит

by Фокус

Во изминава 2018 година, СДСМ остварил вкупни приходи во износ од скоро 2 милиони евра (122.930.706 денари), што е за речиси двојно повеќе во споредба со 2017 година, кога во касата на владејачката партија легналe приходи во износ од над еден милион евра (1.093.481 денари).

Според годишната сметка на партијата доставена до Централниот регистар, расходите на партијата минатата година изнесувале 1.6 милиони евра (102.467.847 денари), а во 2017 година расходите биле околу еден милион евра (61.898.220 денари), што значи дека вишок приходи останале 333 илјади евра (20.462.859 денари), односно 87 илјади евра (5.350.899 денари).

Што се однесува до последната финансиска година, СДСМ остварил приходи во висина од 288 илјади евра (17.723.427 денари) по основ на донации, членарини и подароци. Поточно, финансискиот извештај на владејачката партија покажува дека во оваа сума влегуваат собраните членарини во износ од 223 илјади евра (13.715.675 денари), како и донации во износ од 65 илјади евра (4.007.752 денари).

Според регистарот на донатори на СДСМ, пак, партијата минатата година примила 1.495 донации, меѓу кои има симболични суми од 90, 150, 3000 денари, но и повисоки суми, главно од партиски и јавни функционери. Во таа насока, партискиот лидер Зоран Заев донирал 46.000 денари, партискиот генерален секретар Александар Кирацовски 39.000 денари, министерот за земјоделство Љупчо Николовски 35.000 денари, пратеникот Хари Локвенец 24.000 денари…

Притоа, според висината на донациите, се истакнале првиот човек на штипскиот комитет на СДСМ Никола Тушев со три донации од 50.000, 21.000 и 18.950 денари, градоначалникот на Карпош Стефан Богоев со две донации од 61.000 и 30.000 денари, Предраг Николов со донација од 50.000 денари, Димче Поповски со 40.000 денари итн.

Сепак, најголем дел од приходите СДСМ ги впишал во ставката „други приходи“, каде наведени се 1.6 милиони евра (99.787.688 денари). Во финанскиот извештај на партијата се наведува дека од овие таканаречени други приходи, 1.17 милиони евра (72.404.522 денари) се буџетски средства што законски и следуваат на партијата, додека остатокот од 445 илјади евра (27.383.166 денари), како што информираат од партијата, претставуваат кредитен заем.

Во годишната сметка на СДСМ стои дека партијата во 2017 година за камати по основ на кредити и заеми издвоила 442 илјади евра (27.184.783 денари), додека оваа ставка во минатата 2018 година пораснала на 858 илјади евра (52.752.880 денари). Ревизорскиот извештај за кампања на СДСМ на локалните избори во 2017 година открива дека партијата во 2017 година земала кредит од Комерцијална банка, кој го вратила во 2018 година, по што всушност партијата земала нов кредит.

В.С.

Поврзани новости