СДСМ одговори на обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и му порача дека економско цунами било 11-годишното криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога парите на граѓаните се трошеле на палми, споменици, лажен барок и криминални тендери, а граѓаните и државата тонеле во сиромаштија и долгови.
-Со таквото расипничко однесување, ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Мицкоски, го зголеми јавниот долг трипати во апсолутна вредност, а парите од скапите и нетраспарентни задолжувања ги трошеше за остварување криминални интереси. Пустошот што Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го оставија по 11 години криминално владеење, Владата на СДСМ за 10 месеци го санира и создаде услови за сериозни придвижувања на економијата, стои во соопштението.
Од СДСМ додаваат дека јавниот долг, како процент од БДП, првпат е намален токму во 2017 година, а домашниот бруто-производ, кој постојано бележеше пад, како што велат, по формирањето на новата Влада, забрзано расте.