602
Почитувањето на мерките за заштита, носење маска, шал или марама, одржување дистанца, хигиена и дезинфекција остануваат единствениот начин, единствениот механизам со кој може да се заштитиме од коронавирусот и како поединци и како општество, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
-Игнорирањето на вирусот и негирањето дека тој постои нема да помогне во надминување на состојбата и намалување на бројката на заразени. Здравствените експерти, внимателно ја следат состојбата и предлагаат мерки за заштита на колективното здравје и ставање на епидемијата под контрола врз основа на анализа на актуелната состојба. Со оваа кризна состојба сме засегнати сите и како поединци и како држава и сите треба да придонесеме во решавање на проблемот, велат од партијата.
Според нив затоа политизирањето на состојбата, ставање на кризата со коронавирусот во некој друг контекст, освен за здравјето на граѓаните нема да помогне. Тоа е неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и треба итно да престане.
-Има суштинска разлика помеѓу првиот бран и овој, тогаш не знаевме што може да очекуваме, во која мера може да се прошири вирусот и колку може да се оптовари здравствениот систем. Состојбата во здравствениот систем, капацитетите за згрижување пациенти, познатите кластери каде се шири вирусот и сите други индикатори укажуваат на тоа дека здравствениот систем е организиран и подготвен, односно сигурен дека може да се носи со новите заболени. Животот мора да продолжи и затоа апелираме до сите граѓани да ги почитуваат мерките за лична заштита, а надлежните поревносно да го контролираат нивното почитување, велат од СДСМ..