Владата на Република Северна Македонија предводена од СДСМ со пакетот економски мерки директно им помага на работниците, занаетчиите, на малите и средните претпријатија да го пребродат најтешкиот период , кога трпат загуби поради здравствената криза, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
-Како одговорна партија, СДСМ е посветена на мерки и политики што обезбедуваат брзо закрепнување на економијата соочена со последиците од коронавирусот.Се реализира и вториот пакет на економски мерки кој вклучува 14.500 денари месечно по вработен, помош за спортисти од 14.500 денари, помош за уметници и паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата. Државата се грижи и за лицата кои биле дел од неформалната економија и останале без приходи, и за нив е обезбеден месечен надоместок. Во меѓувреме, се запира и законот за извршување до крајот на јуни, а плаќањето на ратите на кредитите е одложено за шест месеци. Со цел да помогнеме во надминување на последиците од кризата, Владата донесе и Уредба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година, велат од СДСМ.
Тие исто така објаснуваат дека обезбедено е и ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, за правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19.
-Ова се само мал дел од мерките кои имаат за цел помош на домашните претпријатија, помош за секое работно место. Се подготвува и нов пакет на суштински мерки и политики кои ќе обезбедат дополнителна помош за домашната економија. Со нашето одговорно и домаќинско работење, создаваме реални можности за брзо надминување на оваа криза, со што помали последици врз стопанството, се вели во соопштението.