Да не беше блокирано Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и да имаше нова Влада, досега сите осигуреници ќе имаа бесплатно болничко лекување, се вели во соопштението на СДСМ.
– Но, наместо да се лекуваат бесплатно, денес граѓаните мора да ја плаќаат партиципацијата за болничкото лекување, затоа што ВМРО-ДПМНЕ за свои интереси ги кочи демократските процеси, само за да го спаси Никола Груевски од одговорност за криминалите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги интересираат само интересите на тесното раководство на нивната партија и тендери, додека граѓани умираат по ходници и дома, затоа што не можат да си дозволат да бидат болнички згрижени – се наведува во партиското соопштение од СДСМ.
Од таму додаваат дека, со попречувањето на мнозинската волја, ВМРО-ДПМНЕ ја попречува и изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје што ќе гарантира високо квалитетни здравствени услуги на граѓаните.
– Доколку ВМРО-ДПМНЕ не попречуваше во Собранието, лекарите ќе беа ослободени од дополнителни административни обврски на работните места и целосно ќе се посветеа на лекувањето на пациентите. Исто така ќе се отвореше простор за разгледување на предлогот за зголемување на платите на лекарите и специјализантите – тврдат од СДСМ.