Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кршеа мерки а денес поддржуваат антиваксерски протести, тие се против здравствениот систем, велат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се најмалку повикани да зборуваат било што за состојбата со корона вирусот. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден на пандемијата се однесуваат неодговорно и опасно по јавното здравје, со умисла да му наштетат на здравствениот систем и здравствените работници.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги кршеа мерките за заштита, блокираа изградба на модуларни болници, се потсмеваа на болните од коронавирусот. Денес кога масовната имунизација е полн ек, наместо да повикаат граѓаните да се вакцинираат, тие поддржуваат антиваксерски протести на кои се загрозува јавното здравје.
Состојбата со коронвирусот се следи од надлежните институции, пред се од Министерството за здравство. Вакцинацијата се спроведува со засилено темпо со што се очекува намалување на притисокот врз здравствениот систем. Додека сите се насочени во борба против корона вирусот, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ќе останат запаметени дека наместо на страната на јавното здравје, биле на страна на вирусот“, додаваат од владејачката партија.