Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска на прес конференција обвини дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги работи под диктакт на ВМРО-ДПМНЕ и дека спротивно на законот и ги доделила на ВМРО-ДПМНЕ сите минути предвидени за ТВ рекламирање, иако требало да ги подели меѓу двете најголеми опозициски партии: ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА.
-Ставајќи се целосно во партиска служба, директорот на Агенцијата назначен од ВМРО ДПМНЕ, Зоран Трајчески, не го почитува законот и известувањето на ДИК за распределба на медиумски простор за двете најголеми опозициски партии, соопшти Кузеска. Иако во описот се вели дека 6 минути им припаѓаат на двете најголеми опозициски партии, кои на последните избори за пратеници имаат освоено повеќе гласови, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им наредува на медиумите да ги распределат сите 6 минути единствено на ВМРО ДПМНЕ. Во ваков случај на Движењето Беса кое во коалиција со СДСМ му се нанесува штета. Aгенцијата под контрола на ВМРО ДПМНЕ го игнорираше обраќањето на ДИК до Движењето БЕСА да изготви план за медиумско претставување и тоа не ја спречи агенцијата да издаде наредби спротивно на Изборниот Законик. ВМРО ДПМНЕ е навикната да ги контролира медиумите и сиот простор да биде за нив. Остатоците од режимот со последни сили се обидуваат на секој начин да се спасат колку можат. Уште не почнат, ризикуваат да загрозат демократски изборен процес, со што и нанесуваат штета на државата и евроинтегративниот процес. – порача Кузеска.