СДСМ: Чулев ја загрозува безбедноста на граѓаните

by fokus

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев го нарушува функционирањето на полицијата и ја загрозува безбедноста на граѓаните. Чулев издал телеграма со која ги укинува наредбите за извршување задачи на полицајците во други организациони единици (член 154 од Законот за внатрешни работи), реагираат од СДСМ.

– Со тоа Чулев создава недостаток на полицајци за обезбедување и директно ја загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има законска обврска да ги обезбедува, како и амбасадите на неколку држави, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ и други. Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата. Загрозувањето на безбедноста на граѓаните, на границата и државните објекти е кривично дело. ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност создава услови за извршување на кривични дела од други лица, кои сакаат да го загрозат територијалниот интегритет на државата. Постапките на Чулев покажуваат дека ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ. Таму се уште се кадрите под контрола на Груевски кои работат на штета на интересите на граѓаните. Наместо да се фокусираат на тоа за што се назначени и да работат на создавање услови за слободни и фер избори, кадрите на Мицкоски во преодната Влада се посветени на партизирање и блокирање на нормаланата работа на институциите. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ работат на враќање на режимот, на враќање на ВМРО-МВРО, но граѓаните и СДСМ тоа нема да го дозволат, вели пратеничката од СДСМ Снежана Калеска -Ванчева.

Поврзани новости