СДСМ: Болеста „Син јазик“ коси, власта спие

by Фокус

Од СДСМ денеска предупредија дека сточарите се немоќни да ги заштитат своите стада, бидејќи болеста “Син јазик“ ги коси до смрт овците, козите и говедата што ги одгледуваат.

-Загрозена е егзистенцијата на овие луѓе. Болеста “Син јазик“ што предизвикува смрт кај стоката, се одразува и на намалено производство на млеко од што живеат овие сточари. Власта ги остави сами на себе, бидејќи не презеде превентивни мерки кога болеста пламна. Не реагира на очајните повици за помош уште од летото. Власта на Никола Груевски излезе дури сега да теши дека болеста била во стивнување, истакна Роберт Јанков, од Општинска организација Василево.

Тој објасни дека ситуацијата на терен покажува дека болеста не стивнува, туку напротив.

-Неодговорно е да се очекува дека времето ќе биде лек за болеста. Исто така, крајно ризично е да се остават сточарите самите да се справуваат со угинатите грла, што се извор на нови болести и зарази, додаде Јанков.

Поради сериозноста на ситуацијата од СДСМ побараа Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш да излезе на терен и да преземе мерки за спречување на натамошна ескалација на проблемот. Исто така побараа да обезбеди дополнителна дезинсекција и дератизација на шталите и ризичните реони, бидејќи болеста се пренесувала и преку комарците  и мушичките.

-Државата да ги обесштети сточарите за сите угинати грла добиток.  Соседна Бугарија веќе најави дека ќе одвои дури 2,5 милиони евра државна помош за сточарите во земјата, како компензација за загубите настанати од болеста “Син јазик“. За власта во Македонија, сточарите, како и другите граѓани, се само бројка за обезбедување пред избори, обвинија од СДСМ.

 

Поврзани новости