Нашето општество се соочува со исклучително тензични моменти кои бараат од сите нас – политичките партии, институциите и лидерите, да покажеме максимална одговорност и зрелост. Настаните од изминатите денови ги вознемирија граѓаните, ги ставија на тест нашите меѓусебни односи и удрија по темелите на соживотот кој толку внимателно го градиме од осамостојувањето, порача на прес-конференција потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски.
„Како партија која секогаш го ставала интересот на граѓаните и стабилноста на државата на прво место, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии. Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна. Цврсто веруваме дека дијалогот, разбирањето и заедничката акција се единствениот пат напред. Лидерската средба е можност да ги обединиме сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите“, кажа Илиевски.
Според него, ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице кое обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните од нас, политичарите, очекуваат да бидеме пример за смиреност, мудрост и посветеност кон заедничкото добро и да го направиме токму тоа, порача Илиевски.
Сите сме свесни за значењето на меѓуетничките односи во нашата држава. Затоа, од тука апелирам до сите граѓани да останат смирени и воздржани. Почитувањето на различностите и дијалогот се темелите на нашето заедничко општество. Ова се вредности кои нè обединуваат, а не раздвојуваат. Вредности кои треба да ги негуваме и да ги чуваме како најголемо богатство“, додаде Илиевски.
Во овој дух, како што рече Илиевски, го упатуваат повикот до сите лидери на политичките партии да одговорат позитивно и да се приклучат на оваа иницијатива.