СДСМ бара вработените на кои веќе им се плаќаат социјални придонеси, да не бидат изложени одново на истите издатоци доколку добијат дополнителен хонорар повисок од 9.5000 денари во текот на еден месец, како што предвидуваат законските промени од идната година
– Oвој закон да не важи за хонорарците кои имаат приходи од повеќе договори кои поединечно се под минималната плата, а нивниот збир не е над 12.700 денари. На тој начин граѓаните во никој случај нема да бидат доведени во ситуација да добијат приход помал од минималната плата. Висината на придонесите да биде регулирана по принципот: граѓаните со помали хонорарни приходи, односно најголемиот дел од хонорарците, процентуално да плаќаат помалку, додека граѓаните со повисоки, да плаќаат повеќе – побара денеска потпретседателот на опозициската партија, Александар Кирацовски.
СДСМ, вели тој, најостро се спротивставува на донесениот закон со којшто фирмите и граѓаните од 2015-та година се изложени на нови трошоци! Тоа се дополнителни плаќања за придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување при примања хонорари, чијашто сума е поголема од проектираната минимална плата, т.е. 9.500,00 денари, без разлика дали граѓаните веќе еднаш ја исполниле оваа своја обврска!
– Од Нова Година веќе нема да биде важно дали сте привремено вработени или сте вработени на неопределено работно време. За вашите договори на дело и авторските договори, компаниите ќе мора да издвојуваат давачки во висина од 35 проценти од договорениот надоместок, во коишто покрај персоналниот данок, предвидени се и давачки за здравствено и пензиско осигурување. Ова е двојно оданочување. Ако некој примал 12.000 денари нето приход, сега во договорот повторно ќе стои 12.000 денари, но тоа ќе биде бруто износ, што ќе биде намален за 3.000 денари издаток за социјалните придонеси – предупредува Кирацовски.