СДСМ бара Славески да закаже вонредна седница на Советот на Скопје за загадениот воздух

by Fokus

СДСМ предлага седум конкретни мерки, кои ќе влијаат на намалување на загадувањетo на воздухот во Скопје.

„1. Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз;

2. Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје;

3. Итна пренамена на пари во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на средствата за борба против загадувањето;

4. Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, (замена на котлите во системот на затоплување);

5. Подготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје;

6. Чистење на улиците и јавните површини со помош на цистерни и

7. Безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност“, соопштија утрово од партијата.

Од таму бараат и претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски што поскоро да закаже вонредна седница на Советот, посветена на загадениот воздух.

„СДСМ ги повикува сите советници, посебно советниците од ВМРО-ДПМНЕ како најбројна советничка група, да дадат поддршка на иницијативата во интерес на сите скопјани. Непреземањето ништо од страна на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е на штета на граѓаните“, порачаа од партијата на власт.

Утрово се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. За загадениот воздух ги обвинија градоначалничката Данела Арсовска, Левица и СДСМ.

„Мува не ги лази. Полумерките на СДС се со единствена цел, да се полни касата на ЈСП Скопје, бидејќи директорот на ова претпријатие e кадар на СДС и преку тенедери во 4 очи со омилената фирма Пуцко Петрол да ги украдат парите на граѓаните“, стои меѓу другото во соопштението од „Белата палата“.

Поврзани новости