СДСМ бара разрешување на директорот на АНБ

by Fokus

Со назначувањето на Бојан Христовски, власта на Мицкоски и ДПМНЕ прави опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност и ги крши законите, рече на денешната прес – конференција Методија Илиевски од СДСМ.

Во член 10 од Законот за АНБ, како што посочи, јасно стои дека директор на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.

– Наместо професионалец, на чело на АНБ власта поставува партиски човек, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и активен пропагандист на власта. Бројни објави, фотографии и натписи на неговата Фејсбук страница кои целосно го потврдуваат ова. Буквално секој негов пост, е посветен на ДПМНЕ и во функција на пропагандата на Мицкоски. Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија, истакна Илиевски.

Посочи дека сите објави на Христовски се партиски, а има и објави кои се загрижувачки и кои покажуваат какви се неговите намери против самата институција на којашто е поставен.

– На 1 септември оваа година Христовски ќе напише, цитирам „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!“ Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ? Со партизација на оваа важна институција, власта има единствена цел повторно да ги злоупотребува безбедносните служби за партиски цели. Исто како и во времето пред 2016 година, рече Илиевски.

Според него, АНБ треба да остане независна институција која ќе работи за доброто на граѓаните, а не за интересите на партијата.

– На политиката и на партиските кадри не им е местото во АНБ. Бараме итни мерки за департизација, односно разрешување на Христовски и назначување на нов директор на АНБ, со што ќе се врати професионализмот и довербата во оваа институција, рече Илиевски.

Поврзани новости