Пратениците на СДСМ бараат одговори од собранискиот спикер, Талат Џафери, по вчерашната седница. Координаторот на пратеничката група, Јован Митрески, денеска јавно го праша Џафери дали се калкулирало со одржувањето на седницата на која се расправаше за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски.
-Пратениците беа подготвени да овозможат правдата за 27 април да се тера до крај, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и не дозволи да има гласање за одземање на имунитето на Трајко Вељаноски. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, должи одговорност на јавноста, на граѓаните зошто ја прекина седницата за одземање на имунитет, кворум постоеше. За Трајко Вељаноски мора да важат истите процедури и закони како за секој пратеник и граѓанин – рече Митрески.
Тој додаде дека пратеничката група на СДСМ денеска нема да учествува во работата на Собранието. Како што рече тој немало услови за работа во Собранието.
Митрески потврди дека пратеници од СДСМ денеска од револт не присуствувале на редовната координација во кабинетот на Џафери и додаде дека партијата ќе чека одговори од Џафери, па ќе направи проценка како да постапува понатаму.