СДСМ бара намалување на загадувањето, а Трајановски вети дека ќе се вози со автобус

by Фокус

Град Скопје да ги субвенционира граѓаните кои ќе се одлучат да се греат на нови и чисти извори на енергија, како и да воведе бесплатен јавен превоз веднаш штом ќе биде утврдено енормно загадување на воздухот, а не после деттиот ден. Ова е предлогот на советничката група на СДСМ, на чие барање денеска Советот на Град Скопје расправаше за Информацијата за мерките кои градот ги планира за намалување на загаденоста на воздухот.

Според Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ и координатор на советничка група, јавноста била доведена во заблуда дека денеска ќе се усвојуваат мерки за спречување на загадувањето. Ќе се дебатира, како што рече, само за плановите на градот.

– Се надеваме дека Коце Трајановски конечно реално ќе воведе барем дел од мерките за кои што денеска ќе разговараме. Но, тоа нема да биде доволно. За жал ако се погледне информацијата, се гледа дека голем број од предложените мерки се планирани за 2015 година и подоцна, изјави Манчевски.

Тој истакна оти „се сериозно загрижени дека и оваа година на Скопје ќе му се случи еколошка катастрофа со загадувањето на воздухот“.

Градоначалникот, Коце Трајановски, денеска изјави дека мерките се за сега само предложени и дека дополнително преку дискусија ќе се носи одлука за нив. Стратегијата во услови на загаденост, рече тој, ќе се носи во координација со надлежните институции како Министерството за животна средина.

На новинарско прашање дали и тој би користел јавен превоз во екстремни услови, градоначалникот рече: „Да, зошто да не.“

– Град Скопје е ретка институција која стимулира возење на велосипед. Вработените што доаѓаат со велосипед или со автобуски превоз на работа имаат три отсто повеќе плата , рече Трајановски.
 

 

 

 

 

Поврзани новости