СДСМ: Апсењето на Равманоски е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата!

by Fokus

СДСМ остро ја осудува последната фарса на власта и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која, наместо да преземе одговорност за скандалозните помилувања, се обидува со театрални потези да го смири гневот на јавноста, соопштија од опозициската партија.

„Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела. Еден од тие помилувани лица, Акиф Бејадин Равманоски, кој е поврзан со нарко-кланот „Барон“, беше уапсен веднаш по неговото ослободување под сомнение за обид за убиство.

Дали со ова апсење МВР се обидува да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука на претседателката? Токму на ова предупредуваше СДСМ и опозицијата – дека криминалците кои ги ослободи Давкова претставуваат закана за јавната безбедност“ се вели во реакцијата на партијата.

Според СДСМ, овие апсења не може да ја оттргнат одговорноста на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што велат, тие ги ослободија криминалците, и сега, кога тие повторно прават злосторства, се обидува да ја амортизира штетата со спектакуларни апсења.

„СДСМ прашува: зошто беа помилувани лица осудени за обид за убиство и поврзани со нарко-кланови и кој го нарача тоа? Зошто овие опасни криминалци повторно се на улиците, наместо зад решетки? И дали ова е дел од планот на власта да ги заштити криминалците, додека граѓаните секојдневно се чувствуваат помалку безбедни?

Претседателката Силјановска не може да се крие зад Комисијата за помилување. Таа е таа која има последен збор, и таа мора да одговори зошто ги ослободува овие лица и дали со ова директно ја загрозува безбедноста на граѓаните. Време е власта да престане да ги штити криминалците и да започне вистински да се грижи за граѓаните“ порачаа од СДСМ.

Поврзани новости