Од СДСМ денеска до Антикорупциската комисија поднесоа претставка за вработувањето на сопругата на министерот за странски инвестиции Веле Самак, во странската фирма во Велес. Од СДСМ појаснија дека самите ја поднеле преставката, бидејќи комисијата, како и секогаш, кога се работело за власта молчела.
-Бараме Антикорупциската комисија да поведе постапка за утврдување постоење судир на интереси и постоење корупција. Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, е тој кој го потпишал договорот со странската фирма. Токму сопругата на Самак е вработена на висока раководна позиција во фабриката на оваа фирма во Велес. Со ова основано се сомневаме дека Самак го прекршил Законот за спречување судир на интереси, истакна портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Тој додаде дека се наметнува и прашањето, дали можеби странската фирма била условена од страна на министерот Самак, со вработувањето на неговата сопруга?
-Го покажавме на јавноста документот според којшто токму на оваа странска фирма Владата на Република Македонија и доделила државна помош. Владата е застапувана од страна на министерот Веле Самак. Бараме Антикорупциската комисија да ги испита овие основи на сомневање за постоење корупција, рече Шилегов кој додаде дека бидејќи се работи за пари на граѓаните на Република Македонија, тие имаат право да знаат кого се со нивни пари финансираат министерот Самак и Владата на Никола Груевски и дали е тоа незаконски.