Анкетата којашто денеска беше објавена има различни бројки. На почеток се тврди дека се анкетирани 1.200 граѓани, а на крај дека биле 1.067, реагира СДСМ за последната анкета која покажува предност на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ.
-Анкета со различни броеви не може да биде релевантна туку обид за манипулација на граѓаните.
Останува фактот дека вакви анкети излегуваат секогаш кога Христијан Мицкоски ќе доживее пораз на политичката сцена во земјава, кога ќе излезе спротивно од она што го говори или кога треба да се покрие некаков скандал со раце во медот.
Нарачани анкети имаше и пред изборите во Маврово Ростуше и Центар Жупа кога се тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност за на крај Мицкоски да доживее пораз, се вели во реакцијата на СДСМ.
Анкетата е на МКД.мк, а ја спроведе агенцијата Маркет вижн.
Во врска со ова соопштение на СДСМ, редакцијата на МКД.мк информира дека станува збор само за печатна грешка, а не за каква и да било манипулација и дека точниот податок е дека анкетата е базирана на 1.200 испитаници.
„Се работи за техничка грешка која во меѓувреме е поправена, а за наводно манипулативниот карактер на анкетите сметаме дека многу поважно е партиите да се концентрираат на резултатите на овие анкети кои МКД.мк веќе неколку години по ред ги објавува. Релевантноста на резултатите лесно се проверува по секои парламентарни или претседателски избори“, реагира редакцијата на МКД.мк.