Здравствената криза бара брз одговор и прилагодување на новонастаната ситуација, затоа третиот сет мерки, усвоен од Владата предводена од СДСМ помага секому, кому му е потребна помош, но овозможува и заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
-Новиот трет сет економски мерки во вредност од 355 милиони евра е наменет за 730.000 корисници. Заедно со првите два пакета мерки, станува збор за вкупен влог од 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП. Мерките предвидуваат директна финансиска поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, но и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа, велат од СДСМ.
Според нив преку мерката – издавање на Платежни картички на граѓаните, ќе се поттикне потрошувачката, а со тоа и развојот на домашните економски дејности.
-Предвидено е околу 100.000 граѓани да добијат домашни платежни картички вредни 9.000 денари наменети исклучиво за купување на домашни производи и услуги на краток рок.Со оваа мерка им се помага на таргетирани групи граѓани како ранливите категории, граѓаните приматели на гарантирана минимална помош, невработените лица, да го зголемат својот приход и потрошувачка, а од друга страна им се помага на македонските компании, се зголемуваат безготовинските плаќања и се намалува сивата економија. Граѓаните со ниски примања добиваат платежна картичка од 100 евра за субвенционирање на годишен одмор, како и платежна картичка од 50 евра за пазарување. Со ова се помага на граѓаните со пониски примања но и директно се поддржуваат домашните туристички и угостителски објекти, порачуваат од партијата.
Платежни картички добиваат и средношколците и студентите кои ќе добијат 100 евра за плаќање партиципација или сместување како и платежна картичка вредна 50 евра за домашни производи и услуги.
-Преку новите мерки ја претвораме оваа криза во нова можност – за структурни, системски промени и раст, за модернизирање на македонската економија и зголемување на конкурентноста. СДСМ покажа дека од економија во минус каква што не дочека пред 3 години, можеме да изградиме економија во развој, покажавме дека можеме да се избориме со досега невидена здравствена криза, ќе покажеме дека можеме да се справиме и со негативните економски последици.
Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија, велат од СДСМ.