СДС и Ковачевски да одговорат дали и тие мислат дека Бугарите го ослободиле Скопје, бара ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

СДС и Ковачевски да одговорат дали е нивен став тврдењето на претседателот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски дека Бугарите го ослободиле Скопје бидејќи тој е верна коалиција со Ковачевски, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ за вчерашната објава на Георгиевски во која пишува дека Скопје било ослободено со помош на бугарска војска.

-Очигледно власта живеејќи во историјата ја заборави сегашноста која е болна за граѓаните. Бидејќи Георгиевски кој тврди дека Бугарите го ослободиле Скопје е верна коалиција со Ковачевски, треба СДС и Ковачевски да одговорат дали ова е и нивен став?

Дали ова не е продолжеток на изјавите на лидерот во сенка истетовиран во душите на сдсмовците, Заев, кој велеше дека Бугарите биле ослободители.

Зошто токму под нивна власт и власта на Ковачевски се отворија контроверзните клубови во Битола и Охрид? Овие тврдења не се само фалсификат туку и понижување на македонската ослободителна борба, велат од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за „Фокус“.

Георгиевски вчера, со ден задоцнување од одбележувањето на Денот на ослободувањето на Скопје, објави статус со честитка и прача дека Скопје било ослободено од германски и албански фашисти со помош на бугарска војска.

-ВМРО-Народна партија се приклучува кон честитките по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. На тој ден македонските партизани со помош на првата бугарска армија во тешка борба ги разбија германските и албанските фашисти кои во тој момент го држеле градот под контрола, Георгиевски .

Ф.Ф.С.

Поврзани новости