СДММ Битола денеска им порача на средношколците да не дозволат „да бидат излажани и изманипулирани“ и да не ја бојкотираат наставата како дел од протестот против загадениот воздух.
-Мојата порака до вас е: бидејќи сте на тој пат и бидејки вие како и ние, сте предводници на иднината, промените кон подобро, подобрување на животниот стандард, не смеете и не смееме да дозволиме да бидеме изманипулирани и да бидеме поттикнати и излажани да учествуваме со дела и акции кои ќе не одвратат од вистинскиот пат – образованието. Борбата со загадениот воздух започнува токму таму – во училишните клупи. И се води на образован, културен и граѓански начин. Дозволете борбата за справување со аерозагадувањето, која и ние ја водиме секојдневно, да се одвива на начин на кој му доликува на битолчани- достоинствено, мирно и разбрано и секако, според начелата на здраво општествено уредување, преку институциите на системот.
Политичките партиски ривали тоа го знаат многу добро, затоа немој да дозволите да манипулираат со вас за свое политикантство, ефтино партиско профитерство, лајк повеќе на социјалните мрежи, рече претседателот на СДММ Битола – Петар Николовски.
Оваа реторика многу потсетува на реториката на ВМРО-ДПМНЕ за време на средношколските и студентските протести, кога ја обвинуваше тогашната опозиција СДСМ дека таа е организатор на протестите.