Нухиу го обвини градоначалникот на Села за инцидентите во Синичане

by Фокус

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, смета дека инцидентите во Синичане се предизвикани од градоначалникот на Боговиње Аљбон Џемаили, кој, според Нухиу, манипулира со жителите во обид да ја прикрие својата неспособност.

-Градоначалникот отишол и изјавил во полиција дека ќе ги повика жителите на Синичане да се откажат од преземање на овие дејствија сѐ додека не се комплетира документацијата. А од друга страна, пак, самиот отишол во тетовската полиција и изјавил дека безбедносната состојба може да ескалира – изјави Нухиу на ТВ 21.

Тоа, вели министерот, ја принудило полицијата да преземе активности.

-Па така, кога го имаме барањето на градоначалникот, неговата изјава дека може да биде загрозена безбедноста, животот на граѓаните, кога се става под знак прашалник нарушувањето на поредокот и безбедноста, а од друга страна кога ги имаме писмените пријави од околните мештани, тогаш полицијата е принудена да прибере и други оперативни податоци – рече Нухиу.

Претходно, градоначалникот Џемаили, кој доаѓа од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, обвини дека тоа што не му се дозволува да започне со работа за изградба на водоснабдителен систем во атарот на селото Урвич се политички игри.

Поврзани новости