Врз основа на резултатите од минатата година, Русија се врати во првите десет најголеми економии во светот, што се случи за прв пат по осум години, покажуваат податоците на Светската банка и националните статистички служби.
Во текот на изминатата година Русија произведе стоки и услуги во вредност од 2,3 билиони долари, што и овозможи да го заземе осмото место во светот според овој индикатор. Последен пат Русија беше меѓу 10-те најголеми економии во светот во 2014 година, кога беше на деветтото место, со показател од 2,05 билиони долари. Минатата година беше на 11-то место, пишува Политика.
Најголема економија во светот минатата година беа САД со номинален БДП од 25,46 билиони долари. На второ место е Кина со 17,94 билиони, а на трето Јапонија со 4,17 билиони долари.
Германија остана на четвртата позиција со БДП од 4,07 билиони долари, по што следи Индија на петтото место со 3,4 билиони долари, Велика Британија ја задржа шестата позиција со 3,07 билиони долари, а Франција остана седма со 2,78 билиони долари.
На деветтото место е Канада со БДП од 2,14 билиони долари, додека Италија падна за две позиции за една година и стигна до десеттото место, со показател од 2,01 билиони долари. Јужна Кореја испадна од првите десет и сега е на 13-та позиција, пренесе „Банкар.ме“.