Независниот синдикат на полицијата обвинува дека граничната полиција е на работ на егзинстенција, без вода и струја, и без комуникација со другите служби на МВР. Портпаролот на синдикатот, Дејан Саздов, рече дека тие биле на состаноци со министерот Оливер Спасовски за да се најде начин за подобрување на состојбата на вработените во МВР, но ништо конкретно не превземал.
„Вработените се со позајмена униформа, кој како се снашол. Чешките панталони, словачките дотраени чизми и полските блузи ги презентиравте, а потоа ги „сокривте“. Личното оружје е постаро од 50 години. Што ќе ни се современи возила кога немаме тендер за сервисирање на истите? Да не спомнуваме дека во месеците јануари и февруари, за возилата немаше ниту гориво, обвини Саздов.
Тој додаде и дека раководството во МВР се справувало со неистомислениците како нивните претходници Митко Чавков и Гордана Јанкулоска.
-Против колегите кои јавно се дрзнаа да го обелоденат овој проблем, го употребивте најефикасното оружје на Чавков и Јанкуловска, контроверзното Упатство за социјални мрежи, кое претходно го споревте. Бидејќи поминаа скоро две години од вашиот мандат може да заклучиме дека и Вие продолжувате како и во изминатиот период од 15 години постоење на граничната полиција, кој за жал е преспан, вели Саздов.
Независниот синдикат на полицијата се жали дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ги игнорирал и оспорувал.
За состојбата во МВР, НСП ќе ја извести Европската Унија и Советот на Европа кој изготвува мислење за отпочнување на преговори во ЕУ. Целта на ова известување ќе биде да се укаже дека во Министерството за внастрешни работи не се почитуваат ниту основните работни права на вработените.