Савовски: Не можеше да се очекува поинаква одлука освен ослободителна пресуда за Стојановска

by fokus

Актерката Силвија Стојановска денеска во Кривичниот суд доби ослободителна пресуда, откако претходно беше обвинета за шверц на кокаин. Нејзиниот адвокат Димитар Савовски вели дека правдата конечно е задоволена.

-По насоките на Апелациониот суд, кој ја укина првостепената пресуда, не можеше да се очекува поинаква одлука освен ослободителна пресуда. Судот ги уважи сите жалбени навод. Во повторената постапка не се изведоа нови докази, а од доказите кои ги приложи обвинителството не можеше да се утврди вина кај Силвија Стојановска, односно дека членувала во таква меѓународна група која се занимава со трговија на дрога, вели Савовски.

Тој додава дека Стојановска била обвинета само затоа што била сопруга на првообвинетиот Воислав Будисављевиќ.

-Ова во завршниот збор го кажа и обвинителката, дека Стојановска била обвинета затоа што била сопруга на Будисављевиќ и снаа на неговиот брат и дека поради тоа таа морала да знае што работи бившиот сопруг и неговиот брат. Обвинителката не изврши анализа на доказите, туку ја презентираше биографијата на браќата Будисављевиќ, додава Савовски.

Претходно Апелациониот суд донесе одлука да го врати на повторно судење предметот во кој актерката Стојановска со првостепена пресуда беше осудена на три и пол години затвор поради делото кое и се става на товар, шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.

В.В.

Поврзани новости