Савески за одлуката на Апелација: Ова ми е награда што не им слугувам на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ

by fokus

Професорот и активист Здравко Савески ја коментира одлуката на Апелација да ја укине ослободителната пресуда против него и против активистот Владимир Куновски за протестите пред канцеларијата на Ѓорге Иванов во април 2016 година и да го врати предметот на повторно судење.

Савески и Куновски беа ослободени од вина за учество во толпата што ја демолираше канцеларијата на Иванов, откако поранешниот претседател одлучи да амнестира педесетина функционери, повеќето осомничени за тешки кривични дела.

„Испогазија се поврзано со Шарената, ама мене очигледно мислат да ме влечкаат по судови до недоглед. Тоа ми е „наградата“ за тоа што не им слугувам на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ!

По цели шест месеци, на само неколку денови од крајниот законски рок, апелација одлучи – малку било влечкањето по судови веќе три години, уште требало! Толку „сложен“ бил предметот што не можеле да пресудат во рок од еден, два или три месеци. Мораше шест месеци да ја тегнат работата.

И после, сме имале демократија за разлика од претходно? И тогаш кој проговори критички, го потиснуваа и казнуваа. Истото продолжи и сега. И се додека се малку луѓето што се подготвени да се спротивстават, ваква ќе биде наградата за спротивставувањето“, напиша Савески на фејсбук.

Поврзани новости